Ангеловски со Адеми и со Хасани во стартниот состав против Австријците

Неизбежно, со серија измени во почетниот состав, македонскиот селектор Игор Ангеловски ќе се спротистави вечерва на Австрија во четвртиот натпревар на националниот тим од квалификациите за ЕП 2020.

Веќе е познато дека, компарирано со претходниот дуел против Полска, Ангеловски нема да може да смета на „поцрвенетиот“ Висар Муслиу како и Елиф Елмас, кој поради повреда, се поизвесно нема да биде во комбинација за настап. Токму тоа носи промени во одбранбените македонски редови и во средниот ред.

Па, на местото на Муслиу, во дефанзивната тројка пред голот на Столе Димитриевски сега се очекува да бидат Егзон Бејтулаи, Дарко Велковски и Кире Ристевски. Во средниот ред, на десната странична позиција Стефан Ристовски, од спротивната страна Езгијан Алиоски а на централните позиции треба да стартуваат Енис Барди и Аријан Адеми или Бобан Николов. Доколку Ангеловски се одлучи на нешто поофанзивна варијанта, во однос на дуелот со Полска, тогаш од првата минута се очекува почеток на капитенот на Динамо Загреб, Аријан Адеми.

Во офанзивната линија покрај капитенот Горан Пандев и Илија Несторовски, кои беа стартери и против Полска, сега се очекува приклучување на Ферхан Хасани.

Натпреварот меѓу Македонија и Австрија во рамките на квалификациите за ЕП 2020 се игра од 20:45 часот на националната арена „Тоше Проески“ во Скопје.

Се вчитува...