Селекторот на македонската репрезентација Игор Ангеловски по денешниот последен тренинг веќе го скрои стартниот состав за утрешниот натпревар со Израел на „Тодор Проески“, последен во квалификациите за ЕП 2020.
Желбата на стручниот штаб, но и спортската јавност, е со триумф да се заокружат квалификациите и да се обезбеди третото место во групата. Токму поради тоа Ангеловски максимално офанзивно ќе го стартува мечот против Израелците во формација 4-2-3-1 и со офанзивецот на француски Ним, Влатко Стојановски од првата минута. Стојановски одигра квалитетен натпревар против Австрија во Виена со што се наметна во изборот за почетниот состав против Израел.
Веднаш зад Стојановски во линија ќе бидат Елиф Елмас и Енис Барди, кои играа и во Виена, а до нив сега во тимот се враќа капитенот Горан Пандев. Како последните играчи за врска Бобан Николов и уште еден млад фудбалер кој остави солиден впечаток во Австрија, Тихомир Костадинов.
Во одбранбената линија се враќа и Висар Муслиу заедно со Дарко Велковски, и Кире Ристевски и Стефан Ристовски на страничните дефанзивни позиции, пред голманот Столе Димитриевски.
Натпреварот меѓу Македонија и Израел утре на националната арена „Тодор Проески“ се игра со почеток од 20:45 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА