Ангеловски: Среќен сум што Гатузо почна да му верува на Елмас

Македонскиот селектор Игор Ангеловски не го крие задоволството што Елиф Елмас почна да добива максимална доверба од тренерот Џенар Гатузо. Нашиот репрезентативец одигра по 90 минути на последните две средби, претходно го постигна и првиот гол во дресот на „наполитанците“, а Ангеловски е убеден дека Елмас е подготвен да покажува уште подобри игри во дресот на Наполи, но и на македонската репрезентација.

„Ја гледав последната средба на Наполи и бев презадоволен од настапот на Елиф, како и на целата екипа. Елиф беше одличен „еден на еден“, но исто така и кога го вратија во средниот ред. Многу ми се допадна и додавањето во простор до Мертенс, напредокот во неговата игра е очигледен. Среќен сум што Гатузо почна да му верува на Елмас, да му дава повеќе шанси. а тој ја оправдува довербата. Во иднина Елмас може да достигне и поголеми височини, убеден сум во тоа“, изјави Ангеловски за Радио „Кис Кис“ од Неапол.

Добрата форма на Елмас е одлична вест и за нашиот национален тим, на нешто повеќе од еден месец до бараж дуелот од Лигата на Нации против Косово, закажан за 26 март во Скопје.

Се вчитува...