Англија со пресврт од 2-1 до победа над Словачка

Младата англиска репрезентација ја обезбеди првата победа на претстојното ЕП во Полска, откако преку пресврт ја совладаа селекцијата на Словачка со резултат од 2-1. Иако селекцијата на Ејди Бутројд имаше негатива од еден гол во првите 45 минути, младите „лавови“ за десетина минути успеаа да го свртат натпреварот во своја корист и така осигураа важни три бода по ремито со Шведска во првото коло.

Мрежите мируваа во воведните дваесетина минути. Двете репрезентации не создадоа сериозни шанси, се’до 23. минута, кога фудбалерите на Словачка поведоа со гол од корнер. Го изведе Алберт Руснак, а играчот на Плзен, Мартин Чирен беше највисок во скокот по центаршутот и ја смести топката во десниот агол. Новото засилување на Евертон, Џордан Пикфорд беше немоќен при ударот.

Англичаните израмнија дури во петтата минута од второто полувреме. Селекторот Бутројд го освежи тимот по паузата, а голот на Алфи Мавсон стигна во 50. минута. Нововлезениот Марфи го пронајде бекот на Свонси пред голот на Словаците, Мавсон реагираше брзо и го израмни резултатот. Нејтан Редмонд ги постави конечните 2-1 само девет минути подоцна, откако капитенот Вард Провс отвори контра за неговиот тим, а крилото на Саутемптон по соло продор од левата страна беше презицен за славје на Англија.

Со оваа победа Англија се искачува на првата позиција во групата А со четири бода, еден повеќе од Словачка, а комплетната состојба по второто коло во оваа група ќе се знае по натпреварот Полска – Шведска. На домаќинот му се заканува елиминација доколку го загуби и овој меч, а репзентацијата на Шведска со триумф ќе се изедначи со Англичаните. Евентуално реми ќе создаде мешаница и се’ ќе се одлучува во последното коло.

https://www.youtube.com/watch?v=Af2Um2COPJk

Се вчитува...