Анхел ди Марија – Јунајтед се плаши од промашувањето од 60 милиони фунти

Името на Анхел ди Марија останува запишано во историјата на Манчестер Јунајтед како едно од најголемите трансфер-промашувања на „црвените ѓаволи“, но фановите се надеваат дека тоа нема да се покаже како дополнителен мотив за Аргентинецот да блесне вечерва на „Олд трафорд“ – и да го закопа англискиот гигант во осминафиналето од Лигата на шампионите. За потсетување, „црвените ѓаволи“ платија 60 милиони фунти за да го доведат Ди Марија од Реал Мадрид, но тој одигра само 24 натпревари, постигнувајќи скромни четири погодоци пред да биде продаден во ПСЖ, за загуба од 16 милиони фунти.

Аргентинецот во отсуство на Нејмар и Кавани сега ќе биде еден од главните адути на „светците“ од Париз, во обид да му нанесе удар на својот поранешен клуб.

„Почнав добро, но потоа следеа проблеми со тренерот. Не знаев што да правам, се чувствував очајно, но Господ ми помогна, ми овозможи да дојдам во ПСЖ и повторно да се пронајдам себе си. Не барам виновник за она што се случи, секогаш настојував да дадам се од себе, но тренерот упорно ми ги менуваше позициите во тимот и со тоа не ми помагаше. Тоа само ми ја отежни ситуацијата, а кога ми се укажа можност да си заминам, го сторив тоа, не само за да бидам среќен, туку и да освојувам трофеи, нешто што ми делуваше невозможно во Јунајтед“ – се присетува Ди Марија.

Тој експресно се врати во топ-форма во дресот на ПСЖ, па доколку „светците“ сакаат позитивен резултат вечерва во Манчестер, Ди Марија ќе мора да биде на висина на задачата. А ако тоа се случи, Јунајтед дефинитивно ќе има за што да жали, и ќе го памети Аргентинецот и по друго, не само како трансфер-промашување од 60 милиони фунти.

Се вчитува...