Анри на чело на Бордо, ќе дојде ли и Несторовски?

Тиери Анри е подготвен за својот прв самостоен тренерски предизвик, откако легендарниот Французин ја прифати понудата да седне на клупата на Бордо. Летово тој му беше асистент на Роберто Мартинез во стручниот штаб на белгиската репрезентација, но Анри по СП 2018 најави дека е подготвен за почнување на тренерска кариера. Беше поврзуван со неколку клубови од Англија, преговорите не вродија со плод, но затоа Анри е многу близу до враќање во татковината по позитивните разговори што ги водеше со Бордо.

Како што јавуваат француските медиуми, Анри веќе ги прифатил понудените услови и се очекува американските газди на клубот да го официјализираат неговиот ангажман во текот на денешниот ден.

„Жирординците“ се наоѓаат во хаотична состојба по отказот врачен на Густаво Појет, откако уругвајскиот стратег јавно ја критикуваше управата по одлуката да го продаде напаѓачот Гаетан Лаборд во Монпелје. Фудбалерите еден ден дури и одбија да тренираат во знак на солидарност кон Појет, управата не го смени својот став и се раздели од Уругваецот, но сосема јасно е дека Анри ќе има полни раце работа за да ја подобри атмосферата во клубот.

За очекување е тој да донесе и неколку нови фудбалери, а еден од нив може да биде и Илија Несторовски. „Жирординците“ покажаа сериозен интерес за Македонецот во претходните десетина дена токму како замена за Лаборд, преговорите беа блокирани по хаосот што настана со Појет, но се очекува во следниот период да биде испратена и официјална понуда до Палермо. Едно е јасно, ако таков трансфер се реализира, Несторовски ќе може многу да научи од голем мајстор на фудбалската игра како Тиери Анри.

Се вчитува...