Анти-кошарка во Бања Лука: МЗТ Скопје загуби добиен меч од Сутјеска

МЗТ Скопје го претрпе вториот пораз во АБА2 лигата сезонава откако избраниците на Дарко Радуловиќ загубија со 55-56 од составот на Сутјеска. Двата тима прикажаа катастрофална игра во нападот, правејќи почетнички грешки под противничкиот кош, но на крајот пресуди мирната рака на Војиновиќ, кој ги постигна поените за победа на Сутјеска. МЗТ вината за поразот може да ја бара исклучиво во своите редови, ако се знае дека при „плус шест“ и напад, во следните пет напади „металците“ пет пати ја загубија топката (две од нив, со лични грешки во напад), а на 15 секунди пред крајот две слободни фрлања не реализираше Адем Мекиќ.

Аеродромци одлично го отворија мечот поведувајќи со 8-1 во четвртата минута, но Сутјеска набрзо се стабилизираше, израмни на 8-8, по што се поочигледни стануваа проблемите на МЗТ Скопје, пред се во играта во напад на македонскиот првак. Првиот период заврши со предност на Сутјеска од 19-18, за потоа „металците“ да одиграат далеку послабо во втората четвртина, во која постигнаа само девет поени. Покрај промашувањата и блокираните на обиди на Стојановски и Мекиќ, дополнителен проблем претставуваше фактот што по три лични грешки нанижаа Мекиќ и Робев. Само благодарение на солидната одбрана негативата остана едноцифрена, па на одмор се замина со водство на Сутјеска од 33-27.

Стартот на второто полувреме беше очајно лош за двата тима во нападот, првите поени ги постигна МЗТ со тројката на Кари во 24. минута, а по пет минути игра резултататот за овој период гласеше прескромни 3-3. „Металците“ сепак успеаја да заиграат нешто подобро во нападот, па Мекиќ со својата втора тројка на мечот донесе израмнување од 41-41, а очајната реализацијата на двете страни продолжи до крајот на четвртината, па во последните десет минути се влезе токму со тие 41-41, по промашените слободни фрлања на Милошевиќ.

Сутјеска ја отвори четвртината со четири поени, но следеше серија од 9-0 на МЗТ Скопје што го натера црногорскиот тренер на тајмаут (50-45). МЗТ делуваше како да има целосна контрола, но при водство од 53-47 и напад, следеа три почетнички загубени топки (две Кари, една Робев) за нецела минута, па резултатот на 80 секундо до крајот гласеше само „плус два“ за МЗТ (53-51). Радуловиќ побара тајмаут, но следеше лична грешка во напад на Војдан Стојановски. Серијата офанзивни грешки продолжи, најпрвин Рикиќ украде топка во одбрана, но потоа хрватскиот центар на МЗТ направи лична грешка во напад на спротивната страна. За среќа на „металците“, Сутјеска промаши тројка за водство, по што Николов од слободни фрлања го донесе македонскиот тим до „плус четири“.

Црногорците погодија тројка, а Мекиќ двапати промаши при 55-54 на 15 секунди до крајот. Војиновиќ погоди скок шут преку Рикиќ за водство од 55-56 на 2,6 секунди до крајот, оставајќи доволно време за последен напад на македонскиот првак. Нацртаната акција на Радуловиќ не се реализираше, се сведе на соло-обид на Рикиќ под кошот што беше изблокиран, за втор пораз на МЗТ во регионалното натпреварување.

Милошевиќ беше најефикасен во таборот на МЗТ Скопје со 15 поени, Мекиќ постигна 11, но со катастрофален шут од поле (3/16, 3/8 од линијата за слободни фрлања), а од новите имиња Кари постигна пет, а Војдан Стојановски ниту еден поен.

МЗТ Скопје следниот меч од АБА2-лигата ќе го игра в среда против екипата на Подгорица.

Се вчитува...