Антиќ и Илиевски во трка за место во „дрим-тимот на остатокот на Европа“

Перо Антиќ и Владо Илиевски, заедно со Лестер Бо Мекејлеб се дел од кандидатите во изборот за гласање на ФИБА Европа за „дрим-тим на остатокот од Европа“. Откако во изминатиот период европската куќа на кошарката избираше најразлични „идеални тимови“, овојпат фокусот беше ставен на оние „помали“ репрезентации кои блеснале на големите натпреварувања.

Една од нив е токму Македонија, која со пласманот во полуфиналето на Евробаскет 2011 ги освои срцата на бројни „неутрални фанови“ ширум Европа. Неслучајно, во понудата за овој дрим-тим на ФИБА Европа има тројца членови на таа македонска генерација, капитенот Перо Антиќ, Владо Илиевски како стрелец на најважната тројка во кошаркарската историја на нашата земја и Лестер Бо Мекејлеб, убедливо најдобриот странец што го облекол дресот на македонскиот национален тим.

Покрај нив, во трка за место во ова одбрано друштво се уште и Црногорците Никола Пековиќ и Никола Вучевиќ, потоа Луол Денг од Велика Британија, Адам Ханга од Унгарија, Мирза Телетовиќ од БиХ.

Гласањето за дрим-тимот на „остатокот од Европа“ за периодот од 2000 до 2020 година се врши на овој линк на официјалната веб-страница на ФИБА Европа.

Се вчитува...