Антиќ: Спортот на спортистите – повеќе спонзори, помали казни…

Спортот на спортистите. Ова е слоганот со кој Перо Антиќ официјално ја презентираше својата кандидатура за претседател на Македонската Кошаркарска Федерација, на претстојното Собрание што е закажано за 15 мај. Поддржан од актуелни и поранешни кошаркари, како и екс-функционери од овој спорт, Антиќ ги откри клучните точки според кои планира да ја врати македонската кошарка онаму каде што припаѓа.

„Мора да се почне од најглавното во планот – обезбедување на генерален партнер на лигите, не само на првата, туку и на сите младински лиги како што ќе одминува времето. Во завршни преговори сме со компании, да застанат зад овој проект, но да почекаме да заврши Собранието. Во тој случај, парите што сега ги даваат клубовите, би бил обезбеден награден фонд кој би им припаднал на најдобрите екипи, како дополнителен мотив за врвни резултати“ – истакнува Антиќ.

Една од замислите на Антиќ е и намалување на котизациите за младинските лиги, како и намалување на казните кои сега се превисоки.

„За младинските лиги планираме од стартот да биде уште помала котизацијата, бидејќи тоа намалување што го предлагаме ние да биде насочено кон усовршување на тренерскиот кадар, инвестирање во подобри услови. Што се однесува до висина на казните, тоа мора да постои, но мора да бидат намалени, за да не излезе дека федерацијата живее од казните што ги плаќаат клубовите. Од тие пари, 50% би се префрлиле и на останатите здруженија за нивно полесно функционирање“ – порача Антиќ.

Се вчитува...