Антипов: Русија се доведе во ситуација да не смее да загуби од Македонија

По поразите во воведното коло од квалификациите за Евробаскет 2021, Русија и Македонија денеска (16 часот) во Перм ќе се обидат да се рехабилитираат за слабите изданија против Италија, односно против Естонија. Крилниот играч на „зборнаја“, Павел Антипов, кој е член на Нижњи Новгород, вели дека Русија се доведе во ситуација да не смее да загуби. Тој со респект зборува за квалитетите на македонскиот национален тим.

„Македонската репрезентација воопшто не е слаба. Тоа што потекнува од славната југословенска школа зборува сама за себе. Ние се доведовме во ситуација да не смееме да загубиме ако сакаме да останеме во игра за пласман на Европското првенство. Иако играме на домашен терен, еден од клучните фактори е периодот за подготовки. На пример, Македонците имаат два дена повеќе заедно што во вакви услови е голема разлика. Секој ден за заеднички тренинзи и подготовки е злато вреден“– изјави Антипов пред денешниот дуел со Македонија во „Молот“ aрена во Перм.

Русија во првото коло загуби на гостувањето во Италија со 83-64, а Македонија на домашен терен претрпе пораз од Естонија (72-81).

Се вчитува...