Може ли тимот на АП Брера го сопре налетот на Вардар во оваа сезона во ПМФЛ? Одговорот ќе го дознаеме денеска по нивниот меѓусебен натпревар.
Младите момци од Брера не се премногу импресионирани. Велат, ќе дадат сѐ од себе и на овој дуел, а веќе покажаа дека можат да победуваат и фаворити.
„Вардар е бренд, има силен тим и доаѓа како лидер на табелата. Но, верувам во моите млади момци, покажавме оваа сезона дека можеме да победуваме и фаворити. Одигравме добро со Шкендија, ја победивме Струга ТЛ, а и со Вардар ремизиравме на првиот меч во Скопје. Знаеме дека нѐ очекува тежок натпревар, но ќе сториме сѐ да стигнеме до позитивен резултат. Дали ќе успееме во тоа, ќе видиме“, вели тренерот на Брера, Мартин Алаѓозовски.
Ако опстанокот е главна цел за АП Брера оваа сезона, во Вардар размислуваат на враќање на титулата во своите витрини по неколку години чекање. Затоа секој меч за „црвено-црните“ е важен, и на секој ќе мора да се освојуваат бодовите.
„Добро работевме во текот на оваа мини репрезентативна пауза. Подготвени сме за овие три последни мечеви од есенскиот дел од шампионатот. Целта секако е јасна, во стил да ја завршиме оваа одлична година за нас. Денеска не чека тежок натпреватр. Брера не е тим кој треба да се потцени, и нејзиното место на табелата не дава реална слика за силата на овој тим. Тие на неколку наврати сезонава покажаа против повеќе екипи дека се страшно незгодни. Сепак, ако ние сме вистинските денеска, Вардар е тој кој што ќе се радува во Струмица. Се зависи од нас“ – изјави Немања Босанчиќ.
Првиот меч меѓу овие два тима на Националната Арена во Скопје имаше драматична завршница и заврши без победник 3-3.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

