Arda Saatçi истрча 604 км низ пустина

Red Bull спортистот Arda Saatçi успешно го заврши својот 604,6 километарски ultrarun предизвик од Death Valley до пристаништето Santa Monica во Лос Анџелес, поминувајќи ја рутата за 123 часа и 21 минута низ едни од најекстремните услови за трчање во светот.

Иако првичната цел беше рутата да се заврши за 96 часа, предизвикот прерасна во многу повеќе од само една трка со времето – илјадници луѓе го следеа секој негов чекор во живо, додека милиони гледачи ширум светот се приклучија на преносите во живо во текот на целиот предизвик.

„Успеавме. Толку многу луѓе беа дел од ова, навистина е неверојатно!“, изјави Saatçi по завршувањето на предизвикот.

28-годишниот спортист од Берлин, стартуваше на 5 мај од Badwater Basin во Death Valley, најниската точка во САД, сместена 85,5 метри под нивото на морето. Пет дена подоцна, на 10 мај, пристигна до брегот на Тихиот Океан на пристаништето Santa Monica. Рутата го водеше низ пустински предели, изолирани патишта, делници од легендарната Рута 66, автопати и урбани делови, па сè до центарот на Лос Анџелес.

За 123 часа и 21 минута, Saatçi истрча цели 604,6 километри, односно 4,6 километри повеќе од првичниот план поради свлечиште на дел од рутата, како и околу 6.000 метри вкупен висински подем, што е еквивалентно на повеќе од 14 маратони за пет дена.

Она што дополнително го одбележа овој предизвик беше огромната поддршка од публиката. Во текот на целиот ultrarun, социјалните мрежи беа преплавени со пораки за поддршка, мотивација и инспирација, а многумина споделуваа дека токму поради овој предизвик и самите излегле да трчаат.

 

ЕКСТРЕМНИ УСЛОВИ И ТЕСТИРАЊЕ НА ЧОВЕЧКИОТ ЛИМИТ

Трчањето се одвиваше во услови што важат за екстремни дури и за најискусните ултрамаратонци, каде температурите достигнуваат речиси 40°C, а асфалтот се загрева и до 60°C. Влажноста на воздухот најчесто се движеше помеѓу 10 и 20 проценти, а Saatçi губеше и до 1,5 литри течност на час.

Сувата пустинска топлина предизвикува потта веднаш да испарува, што дополнително ја отежнува проценката на дехидратација. Во текот на рутата, неговото тело потроши околу 75.000 калории, додека дневно внесуваше приближно 15.000 калории. На секој час консумираше до 90 грама јаглехидрати и помеѓу 800 и 1.000 милиграми натриум, а просечниот пулс му изнесуваше околу 90 отчукувања во минута, со максимум од 165.

НЕДОСТАТОКОТ НА СОН КАКО НАЈГОЛЕМИОТ ПРЕДИЗВИК

Најтешкиот предизвик се појави на третиот ден, по околу 320 километри и 61 час речиси без сон, кога халуцинациите го принудија Saatçi да направи подолга пауза. По медицински преглед, беше констатирано дека му е неопходен сон, по што Arda отспа точно 90 минути, а потоа повторно продолжи со рутата.

„300 километри се чувствуваа како 3.000“, изјави Saatçi за време на трката.

Силниот ветер, нерамниот терен и екстремната топлина дополнително го успоруваа неговото темпо, но во раните утрински часови повторно успеа да го врати ритамот и да продолжи со предизвикот.

 

ТРЕНИНГ И ПОДГОТОВКИ

Подготовките за овој предизвик започнуваат неколку месеци пред  реализацијата на проектот, со целосен фокус на адаптација на телото за екстремна топлина, долг физички напор и минимално време за одмор.

Во текот на подготовките, Saatçi реализира неколку долги тренинзи од 80-100 километри, како и седумдневен тренинг циклус во кој поминува вкупно 242 километри. Дел од подготовките се и 32 часа без сон, со цел телото и умот да се навикнат на условите што го очекуваат за време на ultrarun предизвикот.

За симулација на високите температури во Death Valley, Arda тренираше на трака со специјална термална опрема, додека финалниот дел од подготовките ги реализира во Red Bull Athlete Performance Center во Santa Monica, каде работи на адаптација на климата, временската зона, хидратацијата, исхраната и распределбата на одмор за време на рутата.

Иако за време на целиот предизвик е придружуван од медицински тим и тим за поддршка предводен од физиотерапевтот Gzim Ferizi, Saatçi целиот предизвик мора да го помине сам и физички и ментално.

Секако, поддршката од заедницата што го следеше во живо имаше огромна улога во најтешките моменти од рутата. Дел од фановите дури и му се придружија на одредени делници, меѓу кои и шведскиот контент креатор Marlon Lundgren Garcia, кој истрча околу 17 километри заедно со него.

Овој 600 километарски ultrarun е дел од неговиот проект „Cyborg Season“, серија екстремни предизвици на долги дистанци, вклучувајќи трчање од Берлин до Њујорк во должина од 3.000 километри во 2024 година, како и поминување низ Јапонија со еквивалент на 72 маратони за 43 дена во 2025 година.

„Навистина ми значи што преку овој предизвик можам да им дадам нешто на луѓето“, изјави Saatçi. „На крајот, ова никогаш не беше само за мене.“

 

Се вчитува...