Арената „Тодор Проески“ кандидат за домаќин на првото финале од новата Конференциска лига на УЕФА!

Македонија и нашиот најголем стадион би можеле да бидат домаќини на уште еден европски фудбалски настан од највисоко ниво, по организацијата на УЕФА Суперкупот кој се одржа во 2017 година во Скопје.

Овој пат, Фудбалската федерација на Македонија подготвува кандидатура националната арена „Тодор Проески“ да биде домаќин на финалето од новата Конференциска лига на УЕФА која Европската куќа, како трето по квалитет европско клупско натпреварување го воведува од сезоната 2021/2022.

Според најавите ФФМ со арената „Тодор Проески“ е еден од најсериозните кандидати за организацијата на финалето или во првата сезона од Конференциската лига, 2021/22, или за следната – 2022/2023. Во игра за организацијата на првото финале од Конференциската лига се и стадионите „Ер Албанија“ во Тирана, како и стадионот на Сент Етјен во Франција.

Одлуката каде ќе се игра првото финале од ова ново натпреварување на УЕФА ќе биде донесена на 3. декември 2020 година.

Како што е познато, Македонија со воведувањето на новата Конференциска лига на УЕФА ќе остане без свои претставници во второто по квалитет натпреварување Лигата на Европа. Новата Конференциска лига ќе стартува од 2021 година и ќе има 32 екипи во групната фаза, а согласно промените 32 екипи во групната фаза ќе има и Лигата на Европа, која уште оваа и следната сезона ќе има по 48 клуба.

Се вчитува...