Аргентинците славеа со политичка порака: Фолкландските острови се наши!

Аргентинските фудбалери бурно ја прославија победата над Англија во полуфиналето на Светското првенство, но нивниот триумф набрзо беше засенет од политичката порака што ја упатија на теренот.

По последниот судиски свиреж и победата од 2-1, аргентинската репрезентација развиори транспарент на кој пишуваше: „Las Malvinas son Argentinas“, односно: „Малвинските (Фолкландските) Острови и припаѓаат на Аргентина“.

Лисандро Мартинез и Џовани Ло Селсо го држеа транспарентот за време на прославата, додека во близина беа и други аргентински фудбалери. Фотографиите и снимките набрзо го обиколија светот и предизвикаа бројни реакции, особено во британската јавност.

Пораката се однесува на повеќедеценискиот спор меѓу Аргентина и Велика Британија околу Фолкландските Острови, кои Аргентинците ги нарекуваат Малвински Острови. Во 1982 година, двете земји водеа војна поради нив, а прашањето за суверенитетот се уште е една од најчувствителните теми во односите меѓу двете држави.

Инцидентот добива дополнителна тежина поради фактот што Аргентина ја истакна пораката веднаш по натпреварот против Англија. Дуелот меѓу двете репрезентации уште претходно беше оптоварен со политичка и историска симболика, особено по славното четвртфинале на Светското првенство во 1986 година, кога Диего Марадона постигна гол со „Божјата рака“, а потоа и еден од најубавите голови во историјата на фудбалот.

Според правилата на ФИФА, политичките пораки, слогани и транспаренти не се дозволени за време на натпреварите и официјалните активности на стадионот, што може да доведе до дисциплинска постапка против Аргентинската фудбалска асоцијација.

ФИФА треба да ги прегледа снимките и да утврди кој го внел транспарентот на теренот и кои играчи учествувале во неговото истакнување.

Се вчитува...