Архус ги казни грешките на битолчани: Еурофарм Пелистер со пораз ја почна европската сезона

Еурофарм Пелистер претрпе пораз од 27-30 на премиерниот натпревар од данскиот Архус новата сезона во Лигата на Европа на ЕХФ, и тоа на домашен терен од екипата на Архус. Македонскиот вицешампион беше далеку од посакуваниот ритам, на долги периоди се мачеше во нападот, а ниту влегувањето во игра и шесте брзи интервенции на Кизиќ не беа доволни за целосен камбек. Очигледно е дека тренерот Валтер ќе има полни раце работа за воигрување на тимот со голем број на нови ракометари, но данскиот стратег ќе мора тоа да го стори што поскоро ако се сака да се оствари посакуваната цел – нов пласман во нокаут фазата од ова европско натпреварување.

Гостите од Данска поведоа со 0-1 во првиот напад од мечот, но потоа блесна голманот Лесјак, со одбранет пенал и зицер од контранапад и битолчани влегоа во посакуваниот ритам пред се благодарение на Танкоски, Костески и на Цветан Кузманоски. Во една ситуација кога и двата тима имаа по играч помалку Данците влегоа во серија грешки, а Еурофарм Пелистер безмилосно го казни тоа со неколку голови во празна мрежа и убедливо водство од 7-3. Тоа беше се што македонскиот вицепрвак успеа да го стори како доминација на теренот, бидејќи остатокот од мечот мина во знакот на гостинскиот состав. Битолчани имаа два нереализирани пенали во периодот во кој Архус успеа да се врати, а не помогна ниту тајмаутот што го побара тренерот Валтер при резултат 11-11.

Данскиот тим доминираше до крајот на полувремето на одмор заминувајќи со водство од 12-16, а битолчани само за момент ја намалија негативата на 14-16 со головите што ги постигнаа Хосни и Костески. Архус беше поквалитетен противник и на почетокот од второто полувреме на овој натпревар, Данците со леснотија наоѓаа одговор за зоната на противникот и поведоа со пет гола предност (19-24). Еурофарм Пелистер конечно се разбуди откако на голот застана Кизиќ, а предводени од искусниот Ојлески домаќините намалија на 22-25 на половина од второто полувреме.

Во нападот блесна Павле Атанасијевиќ, но судиите му помогнаа на гостинскиот состав не покажувајќи чист седмерец за Еурофарм Пелистер при резултат 24-26. Данците делуваа загубено во одличната атмосфера во салата „Боро Чурлевски“, во наредните пет минути постигнаа само еден гол, па Еурофарм Пелистер преку Пешевски намали на само еден гол негатива (26-27). Тоа за жал беше се од битолчани, бидејќи по последниот тајмаут на данскиот тренер следеше нова серија со која Архус успеа повторно резултатски да се одлепи и на крајот да слави со конечни 27-30.

Хосни и Хенеберг со по пет гола беа најефикасни во таборот на Еурофарм Пелистер, по четири постигнаа Кузманоски и Костески, додека најдобар поединец кај Архус беше Вест ав Теигум со 11 гола за своето име.

Нема сомнеж дека „пелистерци“ ќе мора да прикажат далеку подобра игра во второто коло, кога битолскиот клуб го очекува гостување во Португалија против Агуас Сантас, екипа што денеска во првата рунда загуби на гостувањето против Бидасоа со 35-26.

Се вчитува...