Арсенал ја објави цената за Озил и воопшто не е висока

Месут Озил на последните натпревари не е дел од тимот на Арсенал, а ретко кој му верува на Унаи Емери при неговите тврдења дека станува збор за незгодна повреда на грбот. Многу поверојатна е опцијата дека и Емери, како и претходно Арсен Венгер, ја загубил довербата во германскиот генијалец, кој игра беспрекорно во нападот, но го остава тимот на цедило бидејќи воопшто не се залага во играта во дефанзива.

Британските медиуми тврдат дека Емери е подготвен да го продаде Озил веќе во јануари, а „топчиите“ ја одредиле и цената за поранешниот ас на Реал Мадрид. И истата воопшто не е висока – Арсенал би бил задоволен доколку добие 25 милиони фунти за Германецот, давајќи зелено светло за негово заминување од „Емирати“.

Емери има мака што Венгер го направи Озил убедливо најплатен играч во тимот со 350.000 фунти неделна заработувачка. Тоа се одразува врз преговорите за нови договори со сите останати фудбалери, но и со новите играчи со кои се преговара, а кои инсистираат на суми блиски на онаа што ја заработува Озил. Токму затоа „топчиите“ сакаат да го продадат Озил веќе во јануари, не е проблем да се најде клуб што ќе плати 25 милиони за отштета, но многу потешко е да се најде „херој“ што во следните три сезони би му плаќал астрономска плата.

Германецот веќе бил понуден на Интер, но „нероаѕурите“ бараат директни разговори со фудбалерот, во обид да ги намалат неговите лични побарувања. Како опција се споменуваше и Манчестер јунајтед, но Мурињо веќе еднаш тргна во слична „екскурзија“ со договорот со Алексис Санчез што се покажа како големо промашување, па тешко е за верување дека „ѓаволите“ ќе тргнат со богатство по уште еден играч чии најдобри денови во кариерата се веќе минато.

Се вчитува...