Арсенал остана без титула, може ли да остане и без тренер?

Микел Артета би можел да си замине од кормилото на Арсенал само еден месец откако не успеа да ја круниса фантастичната сезона на „топчиите“ со титула во Премиер-лигата. ПСЖ е клубот што гледа на Артета како на идеален кандидат за свој тренер на наредната сезона, а весникот „Дејли Мејл“ обелодени дека веќе дошло и до контакт меѓу Ал Келаифи и агентот на Артета, при што „светците“ јаснос ставиле до знаење дека сакаат да го видат овој млад и амбициозен тренер на „Паркот на принцовите“.

Шпанецот има договор со Арсенал до јуни 2024 година, што ќе ја направи и отштетата што ПСЖ би требал да ја плати пониска од 10 милиони евра, што секако нема да претставува никаков проблем за богатите катарски газди на францускиот првак. Клучно ќе биде да се убеди Артета на преселба во Париз, особено ако се земе во предвид неизвесноста на долгорочните амбиции на клубот, по летното заминување на Меси, но и најавите дека Мбапе најдоцна до наредното лето ќе го напушти клубот.

Шпанецот засега тактизира во преговорите, но се очекува наскоро да пресече, дали ќе му остане лојален на Арсенал и ќе ја продолжи мисијата почната во овој клуб, или пак ќе се реши за нов предизвик во кариерата.

Доколку Артета ги одбие „светците“, тогаш следен кандидат на ПСЖ ќе биде Луис Енрике, екс-селекторот на Шпанија кој моментно е без работен ангажман.

Се вчитува...