Арсими го изненади Силекс, и го совлада во Кратово со 3-1. Гостите од Чегране славеа поради тоа што подобро се снајдоа од својот противник на тешкиот терен во Кратово. На моменти изгледаше комично да се игра на теренот, меѓутоа и на него двете екипи создадоа многу шанси.
И двата тима не реализираа две супер шанси, а потоа најсериозната прилика за Силекс преку Бутуровиќ, кој со глава ја погоди стативата од голот на Исљами.
Меѓутоа пред крајот на првиот дел „шок“ за домашните играчи. Од десната страна акција на Велија кој додаде до Хуриќ, кој од прва го совлада Џеков.
Во вториот дел Силекс нападна да дојде до израмнување, но потоа следуваше уште еден шок. Ајдини убаво се снајде во шеснаесетникот на Силекс по една одбиена топка, и ја смести во долниот десен агол од немоќниот Џеков.
Сепак, кратовскиот тим успеа да се врати во игра. Донов со удар од далечина ја погоди стативата, а топка се одби до Мирчевски кој стрелаше во празната мрежа за намалување на резултатот.
И кога се чинеше дека Силекс ќе тргне по израмнување, уште еднаш топка во мрежата на Џеков. Овој пат Таипи кој успеа на речиси идентичен начин како и Ајдини, да го совлада голманот на Силекс. До крајот на мечот Ајдини постигна уште еден гол, но беше поништен поради офсајд.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

