Ашаданов: Благодарност до федерацијата за укажаната шанса

Женската кошаркарска репрезентација на Македонија се наоѓа пред нов циклус на квалификации, овој пат за Европското првенство 2023 година во кои влегуваме со нов селектор, Александар Ашаданов.

Прв предизвик за „црвено-жолтите“ ќе биде Германија в среда, а потоа и натпревар против Босна и Херцеговина в недела на домашен терен.

„За мене, ова претставува огромна чест и задоволство да бидам селектор на националниот тим затоа што се работи за нашата земја. Огромна благодарност до федерацијата што ми ја довери оваа задача. Со првиот натпревар, за мене, како еден од најмладите селектори во женската кошарка, сакам да дадам голема благодарност на сите кои се појавија на овој собир и сакаат да работат и да победуваат. Се надевам дека сите повреди ќе ги надминеме и ќе бидеме спремни за првиот дуел со Германија“, изјави Ашаданов.

За медиумите говореше и спортскиот директор Тодор Гечевски кој вели дека женската кошарка е во подем.

„Ги стартувавме тренинзите за квалификациите за ЕП. Сите девојки кои се најквалитетни се тука. Имаме некои повреди, но се надевам дека сите работи ќе се санираат и дека со најсилниот состав ќе го стартуваме циклусот. Имаме мал напредок во женската кошарка. Имаме повеќе екипи, две екипи кои играат во ВАБА лигата каде имаат солидни и добри резултати. Се надевам дека тоа меѓународно искуство ќе се примени во репрезентацијата и се надеваме на некој позначителен успех. Најважно од сè е сите да се здрави, да играме најдобро што можеме, па да дојдеме до победа, па зошто да не и пласман на Европското првенство, ако ни се даде шанса“, вели Гечевски.

На престојните натпревари со БиХ и Германија, „црвено-жолтиот“ дрес ќе го носат: Анџелика Митрашиновиќ, Илина Селцова, Девона Бонер, Тијана Митрева, Марија Димитријевиќ, Матеа Николиќ, Ивона Кожобашиовска, Александра Стојановска, Нена Трајчевска, Кате Поп-Димитрова, Драгана Петковска и Елена Тасевска.

Се вчитува...