Ашаданов: Во Португалија одиме на победа

Македонската женска сениорска кошаркарска репрезентација утре од 21 часот и 30 минути во Матошинос силите ќе си ги одмери со Португалија во првиот натпревар од квалификациите за Евобаскетот 2025 година.

Селекторот Александар Ашаданов верува дека нашата репрезентација може да се натпреварува со првиот противник во овие квалификации, а и покрај тоа што во нашата група во која се и уште Србија и Укрина јасно е кој е фаворит, Македонија ќе доигра најдобро што може и во овие средби.

„Целта останува иста како и на претходните квалификации, а тоа е да се добијат некои натпревари. Веќе на првиот меч со Португалија, на гости, ќе ја бараме и првата победа. Искрено се надевам дека во овие квалификации ќе ја немаме „турбулентноста“ во составот како низ претходните. Односно дека на сите шест натпревари ќе настапиме во полн состав.

Фаворитската улога во ова друштво ја има Србија, која добро знаеме со каков состав располага, како и нејзината константност да опстојува на врвот на европската кошарка во изминатиов период. Реално, ако се суди според моменталниот квалитет, ние нашите шанси за успех треба да ги гледаме на дуелите со Португалија, а подоцна и со Украина. Признаваме фаворити, но ќе се трудиме да одиграме најдобро што знаеме, и да бидеме подобри во овој квалификациски циклус во однос на претходниот“, изјави Ашаданов.

Се вчитува...