Ашковски: Хендикепирани сме со отсуство на неколку клучни играчи, но верувам дека ќе имаме успешни ноемвриски квалификации

Македонската репрезентација утрово со втор ден подготовки пред попладневното заминување за Ереван каде на 11. ноември против Ерменија ја очекува претпоследните натпревар во групата од квалификациите за СП 2022.

Стефан Ашковски, и покрај отсуството поради повреди на неколку стандардни репрезентативци верува дека секој поединец ќе го даде максимумот во желбата за позитивно завршување на квалификациите.

„Два значајани натпревари за нас од кои посакуваме две победи. Знам дека ќе дадеме се од себе да го демонстрираме најдоброто и да дојдеме до посакувани шест бода, а потоа дали тие ќе бидат доволни за баражот ќе видиме“ – вели Ашковски и дополнува:

„На сите во репрезентацијата ни е жал за претходните натпревари затоа што и среќата не не посака и покрај добрите игри. Се надевам дека сега на последните два меча и среќата ќе биде на наша страна, па да ни го врати тоа што ни беше одземено претходно. Хендикепирани со отсуството на неколку клучни играчи, но мислам дека има достојни замени за нив и на крај ќе го реализираме посакуваното“.

Националниот тим денеска во 15 часот лета за Ереван на финални подготовки пред дуелот во четврток со Ерменците.

Се вчитува...