Ашковски: После Португалија бев многу разочаран, не сакав да го менувам дресот со никого

Македонскиот интернационалец Стефан Ашковски е еден од фудбалерите кои е во центарот на  вниманието во Романија. Тој доби удар со глава од противнички играч, ист онаков каков што Зидан му даде на Матераци во финалето на Мундијалот во 2006 година во Берлин.

Сепак, Ашковски и неговиот Сепси на крајот се пласираа во финалето на Купот на Романија, а сега Ашковски се надева дека тимот ќе го освои Куп пехарот против Волунтари, и ќе излезе во Европа.

Ашковски го зема за пример дуелот Македонија – Италија и смета дека во фудбалот се е можно.

„Сакавме да играме финале, и цело време верував дека можеме. Ние сме тим кој може да игра против било кого. Впрочем, најдобар пример е победата на Македонија над Италија. Гледате дека се е можно, само треба да се биде мотивиран и многу да се работи“, рече Ашковски.

Во интервју за романски „ГСП“ тој зборуваше и за искуството во бараж натпреварите против Италија и Португалија.

„Беше одлично искуство да се играат баражи, особено после победата во Италија. Драго ми е што се вратив во националниот тим. Мислам дека Македонија уште повеќе ќе се развива, ќе бидеме едно од најголемите изненадувања во Европа. После натпреварот со Италија сакав да го сменам дресот со Кјелини, но тој веќе го имал ветено на Ристовски. После Португалија бев до толку разочаран од поразот, што не сакав со никого да го менувам дресот“, рече Ашковски.

Ашковски кажа дека одлично се чувствува во Романија и тој и неговото семејство се среќни тука. Призна дека не знаел за понудата од Стеауа Букурешт пред извесно време.

„Јас не добив ништо официјално од никого, иако имаше луѓе кои ме прашуваа, а јас не знаев што да им одговорам“, вели Ашковски.

Се вчитува...