Аскија Букер, нов Американец во дресот на Македонија

Американецот Аскија Букер е најновото засилување за кошаркарската репрезентација на Македонија, откако раководството на КФСМ постигнало договор тој да го облече дресот на нашиот национален тим. Букер веќе се наоѓа во Скопје и се очекува во следните денови да биде финиширана процедурата за добивање на пасош на нашата држава, по што тој ќе се појави на прозивката на селекторот Александар Тодоров пред ноемвриските квалификациски натпревари.

Аскија Букер игра на позицијата плејмејкер, висок е 188 сантиментри, а тежок 75 килограми. Во 2015 година се има пријавено на драфтот во НБА-лигата, но не беше избран од ниту еден клуб, по што настапуваше за неколку екипи во Д-лигата. Во 2018 година се сели во Шпанија, а по неколкуте успешни месеци во дресот на Бетис се сели во Мурсија, каде ги мина последни две сезони во Ендеса-лигата.

Шејн Витингтон беше последниот Американец што го носеше дресот на македонската репрезентација, но центарот на Бетис реши кариерата да ја продолжи во далечната Јапонија и повеќе нема да настапува за нашиот национален тим. Планот на КФСМ и на стручниот штаб е да биде натурализиран и нов американски центар, двајцата да се појават на подготовките, а потоа пред секој натпревар да биде носена одлука кој од нив ќе настапува на преостанатите четири средби од квалификациите.

Се вчитува...