Aспиликуета во одбрано друштво: Од прва до последна минута во тимот на Конте

Дефанзивецот на Челси, Цезар Аспиликуета, по завршувањето на вчерашниот натпревар од последното коло во Премиер – лигата, израмни еден посебен рекорд во лигата, со кој само тројца фудбалери може да се пофалат. Шпанскиот репрезентативец по Џон Тери, Вес Морган и Гери Палистер е четвртиот фудбалер кој ги одигра сите 3.420 минути од секој меч во шампионската сезона.

На неговиот капитен, Џон Тери, тоа му успеа во сезоната 2014/15, кога Челси по трет пат стана шампион на Англија со Мурињо. Сезоната 2015/16 не можеше да биде подобра за Вес Морган и Лестер сити. Покрај титулата во Премиер-лига и пласманот во Лигата на шампиони, Морган можеше да се пофали и со оваа почесна статистика. Поранешниот дефанзивец на Манчестер јунајтед, Гери Палистер, во шампионската сезона 1992/93 стана првиот фудбалер кој воопшто го остварил овој податок.

Аспиликуета зад себе имаше фантастична сезона, многу брзо се адаптира на тактиката и филозофијата на Конте, а напорната работа и упорноста конечно се исплатија. Репрезентативецот на Шпанија е играч на кого во секој момент можеш да се потпреш. На 38 натпревари Шпанецот постигна само еден гол, но асистираше на четири. Челси не прими погодок на 16 средби, Куртоа со тоа ја освои златната ракавица, но не сета заслуга е на него, голема работа заврши триото Азпиликуета-Луиз-Кејхил. 27-годишниот бек во целата сезона имаше 87% точност при додавањата, топката успешно ја проследи 2,457 пати до соиграчите, повеќе од било кој играч во лигата. Иако не е прв по бројот на одземени топки, Аспиликуета е процентуално поуспешен од сите фудбалери во Премиер – лигата (76%).

Покрај главните адути на „сините“ кои беа клучни во трката за титулата, Аспиликуета е вистински неопеан херој на клубот.

  

Се вчитува...