Астон Вила во текот на следната седмица ќе ја комплетира продажбата на Џек Грилиш во Манчестер Сити за рекордни 100 милиони фунти, a премиерлигашот од Бирмингем веќе го договори и наследникот на Грилиш на „Вила Парк“. Станува збор за Лион Бејли, брзоногиот офанзивец на Баер Леверкузен кој и претходно беше поврзуван со трансфер во Премиер-лигата, и тоа во Челси и Арсенал, но летово ќе се пресели во Англија облекувајќи го дресот на Астон Вила.
Репрезентативецот на Јамајка беше меѓу најдобрите фудбалери на Баер минатата сезона, постигнувајќи девет гола и осум асистенции, но „фармацевтите“ решија да ја искористат можноста и да го продадат откако Астон Вила испрати понуда во висина од 35 милиони евра.
„Можеме да потврдиме дека е постигнат целосен договор меѓу Астон Вила и Баер Леверкузен за трансферот на Лион Бејли. Овој трансфер ќе биде официјализиран по договорањето на личните услови со фудбалерот и задолжителните лекарски прегледи“, објави Астон Вила на официјалната веб-страница на клубот.
Германскиот клуб во 2017 година плати 20 милиони евра за да го доведе Бејли од Генк, така што овој трансфер носи добра заработка за Баер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА