Астон Вила забрани доаѓање на Израелците – Жестоки осуди, реакција и од Премиерот

На навивачите на израелскиот клуб Макаби Тел Авив им е забрането да присуствуваат на натпреварот од Лигата на Европа против Астон Вила, кој ќе се игра на 6 ноември на стадионот „Вила Парк“ во Бирмингем. Одлуката ја донесе англиската Премиерлига по консултација со полицијата на Западен Мидлендс и локалната Советодавна група за безбедност.

Во соопштение објавено синоќа, Астон Вила соопшти дека на израелски навивачи нема да им биде дозволено да присуствуваат на натпреварот.  Одлуката, велат тие, е донесена врз основа на проценка на безбедносните ризици, вклучително и можноста за протести надвор од стадионот.

За време на минатогодишниот натпревар меѓу Макаби и Ајакс во Амстердам, беа уапсени дури 68 лица. Полицијата наведува дека овој натпревар е класифициран како високоризичен, а забраната за гостински навивачи се смета за превентивна мерка за зачувување на јавната безбедност.

„Одлуката е заснована на моменталните разузнавачки информации и претходните инциденти. Веруваме дека оваа мерка ќе помогне во ублажувањето на ризикот“, објави полицијата.

Оваа одлука предизвика силни реакции, особено од еврејската заедница и политичките кругови во Велика Британија.

Поранешниот пратеник од Лабуристичката партија, лорд Јан Остин, долгогодишен навивач на Астон Вила, рече дека е згрозен од потегот на клубот.

„Изгледа како да капитулирале пред кампањата на проблематичните луѓе. Полицијата мора да се соочи со одговорноста да ја гарантира безбедноста на секој што сака да ги извршува своите легитимни активности“, рече Остин.

Остин, исто така, предупредува дека ваквите одлуки би можеле да имаат сериозни последици за идните меѓународни спортски настани, со оглед на тоа што Бирмингем е еден од домаќините на ЕУРО 2028.

Премиерот ја критикуваше одлуката на Астон Вила

„Ова е погрешна одлука. Нема да толерираме антисемитизам на нашите улици. Улогата на полицијата е да обезбеди сите фудбалски навивачи да можат да дојдат и да уживаат во играта, без страв од насилство и заплашување“, рече Стармер во соопштението.

Од Астон Вила, пак, упорно тврдат дека целиот процес е спроведен во консултација со УЕФА, Макаби и локалните власти, и дека безбедноста на сите учесници и граѓани е на прво место.

Засега не е познато дали УЕФА ќе реагира со дополнителни мерки или ќе го промени датумот, форматот или условите на натпреварот.

Во последните недели, инцидентите на спортски настани во кои учествуваат израелски спортисти стануваат сè почести, поради растечкото незадоволство на светската јавност од воените акции на Израел во Појасот Газа.

Се вчитува...