Аталанта го казни Сари, Наполи е елиминиран од Купот на Италија

Аталанта приреди огромно изненадување во четвртфиналето од Купот на Италија успевајќи да го елиминира тимот на Наполи, и тоа на гостински терен со голем триумф од 1-2 на „Сан Паоло“. Гостите од Бергамо одиграа одлично и го казнија домашниот стратег Сари, кој реши да експериментира со тимот, но не успеа да ја најде победничката комбинација.

Кастање го отвори резултатот на самиот почеток од второто полувреме, по што Сари беше принуден да ги внесе во игра своите главни адути, Лоренцо Инсиње и Дрис Мертенс. Папу Гомез по извонредна соло акција зголеми на 0-2 за Аталанта, а се што успеаја да сторат „наполитанците“ до самиот крај беше утешниот погодок на Мертенс, на асистенција на Инсиње.

Аталанта во полуфиналето ќе се сретне со подобриот од утрешното градско дерби меѓу Јувентус и Торино.

Се вчитува...