Аталанта го преслуша Лацио

Аталанта се врати на четвртото место во Калчо-лигата откако избраниците на тренерот Гасперини многу полесно од очекувањата го совладаа Лацио со 3-1. Римскиот клуб допатува во Бергамо со серија од пет меча без пораз (четири победи и едно реми), но „пулените“ на Маурицио Сари денеска налетаа на поквалитетен и помотивиран противник што знаеше како да стигне до победата.

Марио Пашалиќ блесна во 16. минута, кога хрватскиот ас по еден центаршут на Скалвини мајсторски ја спушти топката на градите, а потоа го матираше голманот Проведел. Потоа на сцена стапи Де Кетеларе, Белгиецот кој е дојден на позајмица од Милан најпрвин реализираше пенал за 2-0, а потоа во гол го претвори и контранападот, за убедливи 3-0 за Аталанта.

Победникот беше решен, а се што успеа да стори Лацио до самиот крај беше утешниот погодок на Имобиле од пенал во 84. минута.

Аталанта повторно е осамена на четвртата позиција со 39 бода, три повеќе од петтопласираната Болоња, додека Лацио падна на девееттото место со 34 бода на своето салдо.

Се вчитува...