Атанасов: Го задржавме јадрото, со дополнителна мотивација влегуваме во сезоната

Прволигашките тренери ги отвораат картите пред стартот на новата сезона во Суперлигата, закажан за претстојниот викенд…

Новата кошаркарска сезона во Македонија започнува овој викенд. Возбудата се враќа на терените, а притисокот веќе се чувствува на тренерските клупи. Како поминаа подготовките, каква лига нè очекува и колку е важен првиот чекор?

Пред големиот старт, ги соочивме тренерите од Суперлигата со три клучни прашања.

1. Колку сте задоволни од сработеното во подготвителниот период и дали тимот ја дочекува премиерата на новата натпреварувачка сезона во посакуваната физичка и тактичка форма?

2. Со оглед на засилувањата во сите клубови, каква Суперлига лига очекувате оваа сезона и каде ја гледате предноста на вашиот тим во однос на директните ривали?

3. Колку е важна победата во премиерното коло од психолошки аспект и каква порака сакате Вашата екипа да испрати до јавноста и навивачите со првиот сезонски настап?

Еве ги нивните очекувања:

ВАСКО АТАНАСОВ (ШЕФ НА СТРУЧЕН ШТАБ НА МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ)

1. „Подготвителниот период ни помина задоволително, без големи повреди и можност тимот да тренира заедно подолго време. Сепак, поради репрезентативните обврски на дел од играчите, не бевме целосно комплетни, морам да кажам дека одработивме квалитетен период за подготовка на сезоната која ни претстои“.

2. „Сеуште ги немаме видено тимовите како изгледаат. Но на база на засилувањата, очекувам доста израмнето првенство во кое ќе има доста интересни натпревари. Нашата предност ја гледам во тоа што успеавме да го задржиме јадрото на тимот, секако и големиот број на натпревари кои МЗТ Скопје треба да ги одигра, што би го кренало нивото на нашиот тим“.

3. „За нас сезоната со одигрувањето на Суперкуп натпреварот веќе започна. Една победа која дополнително ни ја крена мотивацијата и фокусот за претстојната сезона, секако првото коло е за нас отварање на натпреварите на домашен терен, кој носи своја одговорност и тежина, која ја има МЗТ Скопје“.

Се вчитува...