Атанасов промовиран во новиот дрес: За плата од 20.000 евра во Бурсаспор (ФОТО)

Младинскиот репрезентативец на Македонија, Јани Атанасов ја имаше и официјалната промоција во дресот на новиот свој клуб, турскиот суперлигаш Бурсаспор.

На прес-конференцијата на која беа промовирани новите засилувања за Бурса, Атанасов го нагласи задоволството од потписот со турскиот тим во кој очекува успеси во иднина.

„Од првите денови тука видов дека се работи за навистина голем клуб. Навистина сум среќен во Бурса, верувам дека ќе ги исполнам очекувањата на сите и ќе помогнам клубот да ги реализира своите амбиции во иднина“ – истакна Атанасов.

Претседателот на Бурсаспор, Али Ај го искажа задоволството што во својот клуб добиваат млад фудбалер со огромен европски потенцијал.

„Јани е две-три недели тука со нас и мислам дека веднаш се забележува дека се работи за сериозен потенцијал. Договорот со Атанасов е за 20.000 евра месечна плата… Сигурен сум дека многу ќе му помогне на тимот во иднина, а ние само ќе допринесеме за неговиот фудбалски развој“ – рече Ај.

Се вчитува...