Атлетико има план: Агуеро го менува Гризман?

Веќе станува јасно, Антоан Гризман нема да потпише нов договор со Атлетико Мадрид, а Барселона ќе ја активира клаузулата од 100 милиони евра со која ќе може да го доведе францускиот голгетер во своите редови. „Јорганџиите“ полека но сигурно се помируваат со реалноста, па ја стартуваат и потрагата по наследник за Гризман, во која главна цел е враќање на еден поранешен фудбалер на Атлетико – Серхио Агуеро.

Аргентинецот има договор со Манчестер сити до 2020 година, но не криеше дека е незадоволен што го загуби првотимскиот статус од Габриел Хесус. Пеп Гвардиола не е најзадоволен од недоволното залагање на Агуеро во пресингот во дефанзива, затоа предноста му даваше на Хесус, па сега на потег е Аргентинецот, дали да остане во Сити или да се реши да си замине од Манчестер. Се шпекулира дека Гвардиола е подготвен да даде зелено светло за негово заминување, но конечната одлука ќе треба да ја донесе самиот фудбалер. „Граѓаните“ во 2011 година платија 45 милиони евра за неговите услуги, а сега Атлетико е подготвен да плати 60 милиони евра за да го доведе назад во Мадрид.

Според шпанските медиуми, раководството на Атлетико веќе остварило контакт со неговиот агент, при што Агуеро искажал интерес за враќање во Мадрид, клуб каде мина неколку одлични сезони пред да се пресели во Премиер-лигата. Разговорите сигурно ќе се интензивираат во следниот период, a желбата на Атлетико е голем дел од деталите да се договорат уште пред почетокот на мундијалот во Русија, закажан за 14 јуни.

Покрај со Агуеро, тимот на Атлетико Мадрид се поврзува и со ангажман на Единсон Кавани, Пауло Дибала и Алваро Мората.

Се вчитува...