Атлетико Мадрид едвај до бод против Еибар

Атлетико Мадрид ремизираше 1-1 на домашен терен против Еибар, меч што претставува уште еден доказ (по минато коло против Селта) за кризата во таборот на „јорганџиите“. Тимот на Диего Симеоне промаши неколку убави шанси, но на крајот спаси од пораз со голот што 94. минута го постигна младиот Борха.

Во главна улога на денешниот натпревар во Мадрид беше гостинскиот голман Марко Дмитровиќ, кој со бројни фантастични интервенции ги расплака фудбалерите на Атлетико. Гризман, Нигез и Годин имаа стоптоцентни шанси во првиот дел, во второто полувреме „еден на еден“ излегоа Гризман и Коста, но се беше попусто кога домаќините не успеваа да најдат лек за одличниот српски чувар на мрежата.

Еибар во второто плувреме ја погоди гредата, а потоа во самиот финиш ги казни промашувањата на домашниот тим со погодокот што во 87. минута го постигна Серџи Енрих. И кога се очекуваше мечот да заврши со триумф на гостите, ерупција меѓу домашните навивачи предизвика младиот Борха, кој со силен удар од десетина метри го матираше Дмитровиќ, за конечни 1-1.

Се вчитува...