Атлетико објави: Збогум, Луис Суарез

Луис Суарез на крајот од сезонава дефинитивно ќе си замине од Атлетико Мадрид, откако управата на клубот реши да не му понуди продолжување на соработката на уругвајскиот голгетер. Тој пристигна пред две години од редовите на Барселона, лани беше главен играч во освојувањето на титулата, но сезонава Суарез не беше најстандарден кај тренерот Диего Симеоне.

Денешниот меч меѓу Атлетико Мадрид и Севилја ќе биде последен за уругвајскиот ас на „Ванда Метрополитано“, објави клубот, најавувајќи го и заменувањето на Мексиканецот Ерера.

„На крајот од натпреварот, присутните на „Ванда“ ќе им оддадат почит на Луис Суарез и на Ектор Ерера, кои ќе се збогуваат од семејството на Атлетико. Затоа, и по последниот свиреж на судијата останете на своите места за да го доживеете овој специјален момент“, објави Атлетико Мадрид на профилите на социјалните мрежи.

Суарез има на маса неколку понуди од МЛС-лигата, но Уругваецот не сака да се пресели во САД, туку приоритет му е наоѓање на нов клуб во Европа.

Се вчитува...