Атлетико стравува за Јан Облак

Кога челниците на ПСЖ нешто ќе наумат, тогаш најчесто успеваат да си ги исполнат желбите. Откако „светците“ го докажаа тоа и со Нејмар, сега раководството на Атлетико Мадрид стравува дека следен на листата на францускиот вицепрвак е Јан Облак. Во ПСЖ се свесни дека се „најтенки“ токму на голманската позиција и веќе го имаат „пикирано“ Облак како потенцијално засилување, а француските медиуми јавуваат дури и дека претседателот Ел Келаифи минатиот викенд имал средба со агентот на чуварот на мрежата на Атлетико.

ПСЖ нема намера да преговара со шпанскиот клуб, туку планира да ја исплати клаузулата во висина од 100 милиони евра, поради што Атлетико Мадрид стравува дека во летото во кое не може да купува нови засилувања ќе остане без еден од своите клучни фудбалери. Токму затоа, мадридскиот клуб подготвува нов договор за Облак иако стариот беше потпишан во текот на ланската сезона.

Планот е тој да се обврзе на верност од осум години, како што тоа претходно го сторија Саул Нигез и Коке, а во новиот договор клаузулата да се искачи на најмалку 150 милиони евра, сума што според нив ПСЖ сигурно нема да ја плати. Сепак, на крајот пресудна ќе биде желбата на Облак, кој може да покаже лојалност и да потпише долгогодишен договор, или пак да чека ПСЖ да ја активира неговата сегашна клаузула, па и тој самиот добро да заработи од преселбата на „Паркот на принцовите“.

Се вчитува...