АТП награди за 2020: Признанија за Ѓоковиќ, Надал, Федерер…

Светската тениска асоцијација АТП денеска ги прогласи победниците во повеќе категории од традиционалните АТП-награди што се доделуваат во светот на „белиот спорт“. Сосема очекувано, Новак Ѓоковиќ беше избран за најдобар играч во 2020 година. Тој во текот на целата година се задржа на врвот, задржувајќи ја удобната предност во однос на ривалите на АТП-листата.

Најдобар дубл на годината се Мате Павиќ и Бруно Соареш, а наградата за камбек на годината му припадна на Васек Поспшил. Канадскиот тенисер кој голем дел од 2019 година беше „во аут“ поради повреда на грбот, годинава успешно се врати на терените и се искачи на 61. место на АТП-листата.

„Србинот ја заврши годината на првото место, рекорден шести пат во последните десет години, по одличната сезона во која освои четири трофеи. Новак ги доби првите 26 меча во годината, стигна до историскиот осми пехар на Австралија Опен, а ги освои и трофеите во Дубаи, Синсинати и во Рим. Со 33 години, шест месец и 16 дена, Ѓоковиќ постави рекорд како највозрасен играч кој ја завршил годината како прворангиран светски тенисер. Воедно, Ѓоковиќ се израмни со својот идол од детството, Пит Сампрас, кој исто како и Новак шест пати беше прворангиран светски тенисер на крајот од годината“, се вели во соопштението на АТП.

Рафаел Надал го доби признанието „Штефан Едберг“ за најкоректен тенисер, а без награда не остана ниту Роџер Федерер, кој 18 година по ред од навивачите е избран за најомилен тенисер во светот.

Се вчитува...