АТП покрена истрага против Зверев за насилство врз неговата екс-девојка

Здружението на тениски професионалци (АТП) покрена внатрешна истрага против Александар Зверев, поради наводите на неговата поранешна девојка Олга Шарипова дека физички и психички ја малтретирал.

АТП наведува дека е усвоен независниот извештај за заштита, по што е поведена постапка против германскиот тенисер. Објавено е дека во тек е внатрешна истрага во врска со изјавите на Олга Шарипова, која ја обвини германската ѕвезда за психолошко и физичко насилство.

„Обвинувањата против Александар Зверев се сериозни и наша одговорност е да се справиме со нив. Се надеваме дека истрагата ќе ни помогне да ги утврдиме фактите и да преземеме соодветни мерки. АТП целосно го осудува секој облик на насилство или злоупотреба и ќе ги испита овие наводи. Веруваме дека Зверев ја поддржува нашата истрага и свесни сме дека тој ги негираше обвинувањата. Ќе го следиме и понатамошниот развој на настаните во судовите во Германија“, рече Масимо Калвели, извршен директор на АТП.

Кога станува збор за Независниот безбедносен извештај, тоа е дело на поранешниот инспектор Крис Смарт и неговите соработници. Тој поставува серија препораки за тоа како да се заштитат сите оние кои се вклучени во АТП активностите. Се однесува на превенција, пријавување и истрага за злоупотреба, дисциплински мерки, безбедност на настани, обука, размена на информации и соработка со други тела во професионалниот тенис.

Се вчитува...