Ацо Јоновски: Верувајте во ракометната репрезентација, ќе носи радост и во иднина

Ацо Јоновски е име што цврсто поврзано со ракометната репрезентација на Македонија повеќе од една деценија, скромниот ас долги години важеше за „срце“ на дефанзивната линија на националниот тим. Сега кога играчката кариера е веќе зад него, а првите тренерски чекори ги направи во германски Ратинген, Јоновски несебично го прифати повикот на Кире Лазаров да стане дел од новиот стручен штаб во репрезентацијата.

Очекувано, тој е задолжен за играта во дефанзива,каде поседува доволно искуство и знаење за да го сподели со помладите кои ќе треба да ги наследат него и Велко Маркоски како долгогодишни лидери на македонската одбранбена зона.

„Радосен сум од она што го гледам како квалитет, но и како потенцијал. Имаме и нов Јоно и нов Велко Маркоски, не сакам сега да ги споредувам со конкретни имиња, но од она што го гледам дефинитивно сум задоволен. Постои желба за работа, за уште поголем напредок“, го почнува Јоновски разговорот за ЕКИПА.

Според него, забележлив е напредокот во неколку сегменти што се многу важни кога станува збор за настап на големите натпреварувања.

„Ја добивме цврстината во одбраната што ја посакувавме. Се работи напорно и квалитетно, добро сме покриени на сите позици, јас верувам во овие момци. Сигурно, многу е важна и физичката подготвеност, каде што исто така бележиме огромен напредок. Кондицискиот тренер Баснарков работи беспрекорно, ракометарите се задоволни и дефинитивно можат да ги издржат напорите што ги носи еден европски шампионат. Знаете како е, можете да знаете буквално се, но ако не сте физички подготвени, ќе паднете кога е најважно. Од она што го гледам, нам тоа нема да ни се случи на овој европски шампионат“.

Селекторот Лазаров во текот на квалификациите и за време на подготвителните натпревари им даде шанса на речиси сите ракометари, што е спротивно на претходните изданија на репрезентацијата, кога најчесто товарот паѓаше на мала група на играчи.

„Тоа е тоа, ние минавме десетина години играјќи со по седум-осум ракометари на еден шампионат, па кога ќе дојдеше главната фаза и клучните натпревари ни снемуваше сила. Искрено верувам дека на сите тие натпреварувања, ако имавме подолга клупа и распределена минутажа, можевме да стигнеме и до медал, зошто да не. Селекторот Лазаров е свесен за тоа, знае колку е значајно да се поделат силите и секој да го даде максимумот на секој меч“, вели Ацо Јоновски.

Настапот на ЕП 2022 го стартуваме со дуел против Словенија, селекција што има извонредни бекови и сигурно ќе биде сериозен предизвик за одбранбената зона на македонската репрезентација.

„Точно е дека имаат квалитетни средни бекови, но Словенија севкупно е моќна репрезентација, одлично покриена на сите позиции. Кога станува збор за одбраната, клучот е во тоа да се одигра колективно и да се затворат сите приоди кон голот. Ние сме подготвени да го сториме токму тоа, без оглед на квалитетот што противникот сигурно го поседува“.

Јоноски е голем оптимист не само кога станува збор за претстојниот европски шампионат, туку и севкупно за иднината на македонскиот ракомет.

„Јас сум убеден дека можеме да играме и да се надигруваме со секого, со Словенија, Црна Гора, па и со Данска. Оној меч со Данците во квалификациите, таа победа беше пресудна за селекторот Лазаров и ние како стручен штаб да им покажеме на момците дека можат да победат секого, доколку секој од нив го даде својот максимум на теренот. Поседуваме и квалитет и потенцијал за уште поголем развој, затоа верувам не само во добра игра, туку и во светла иднина на македонскиот ракомет. Верувајте во оваа репрезентација, бидејќи ќе носи радости и во иднина како што тоа го правеше и досега“, порачува за крај Ацо Јоновски.

Се вчитува...