Аууу каков „кикс“ на Јунајтед – Јанг Бојс го зеде скалпот на „црвените ѓаволи“

Новата сезона од Лигата на Шампионите започна со супердраматичен дуел меѓу Јанг Бојс и Манчестер Јунајтед на кој „црвените ѓаволи“ загубија од швајцарскиот првак со 2-1, со гол примен во 95. минута по катастрофалната грешка на Џеси Лингард. Кристијано Роналдо донесе водство во раната фаза на мечот, но дуелот го пресуди црвениот картон на Ван Бисака уште во првото полувреме. „Црвените ѓаволи“ тргнаа да се бранат, но можеа да стигнат и до втор гол доколку Роналдо од одлична ситуација решеше да шутира наместо да глуми пенал, на што судијата не наседна, па големата шанса отиде во неповрат.

По израмнувачкиот погодок на Јанг Бојс гостинскиот стратег Оле Гунар Солскјер се исплаши од целосен камбек и ги повлече Роналдо и Бруно Фернандеш, заменувајќи ги со Лингард и со Матиќ, за затворање на формацијата и бранење на овие 1-1, без никаква шанса ниту амбиција неговиот тим да се обиде да постигне и втор гол. Казната за ваквиот пристап стина во 95. минута, кога Џеси Лингард направи неверојатен „кикс“ враќајќи ја топката до Сијабачеу наместо до Де Хеа, по што напаѓачот на Јанг Бојс немаше тешка задача да го постигне победничкиот погодок.

Со резултат 1-1 заврши дуелот во Севилја меѓу истоимениот тим и составот на Салцбург. Супер-интересно беше првото полувреме во кое беа досудени четири пенали, гостите не искористија два (еден при 0-0 и еден при 0-1) и пропуштија уште на стартот да си ја осигураат победата. Севилја израмни со пеналот на Ракитиќ пред крајот на полувремето, но шансите на домаќините за камбек пропаднаа откако најдобриот напаѓач Ен Несири доби втор жолт картон за глума, па Шпанците со играч помалку на теренот успеаја да ги задржат овие 1-1 до финишот на мечот.

Се вчитува...