Австрија оди на ЕП, Македонија со минимален пораз во Виена

ЕКИПА во Виена, 

Никола Ѓуровски

Фудбалската репрезентација на Македонија загуби со 2-1 од Австрија на гостувањето во Виена, во претпоследниот натпревар од квалификациите за ЕП 2020. Давид Алаба во осмата минута и Штефан Лајнер во 48.минута беа стрелци за Австрија, а подмладената Македонија погоди преку Влатко Стојановски во финишот од дуелот, кој и претходно имаше две одлични шанси.

Беше тоа натпревар со четворица дебитанти, Марио Младеновски, Тихомир Костадинов, Влатко Стојановски, Даниел Аврамовски, и со Кристијан Тошевски и со Ѓоко Зајков кои по подолго време повторно заигра во националниот тим. Без Пандев, Адеми, Алиоски, Муслиу, Несторовски, Николов, Тричковски, се повреди и Трајковски по само 13 минути, најголем дел беа и принудни одлуките на селекторот Игор Ангеловски.

Австријците нападнаа од самиот старт. Се закани Арнаутовиќ, а водството дојде во осмата минута преку Давид Алаба. Неуспешна офсајд замка на македонската одбрана, Алаба излезе сам пред Столе Димитриевски, го мина и ја погоди мрежата. Еуфорија на трибините на „Ернст Хапел“. Гол за ЕП.


Атмосферата ги понесе австриските фудбалери, Хинтерегер имаше одлична шанса за 2-0, но Столе Димитриевски успеа да одбрани зицер во 20.минута. Потоа уште две шанси пропушти Арнаутовиќ, а во 42.минута, Стефан Ристовски уфрли опасна топка во шеснаесетникот на Австријците, но немаше кој да ја заврши акцијата. Возврати Мартин Хинтерегер со силен шут од 16 метри, но Димитриевски одбрани. Македонија со минимална негатива замина на одмор.

На самиот старт на второто полувреме, Марсел Сабицер упати „бомба“ кон голот на Столе Димитриевски, но македонскиот голман извонредно интервенираше. Сепак, по корнерот, Штефан Лајнер го зголеми водството на Австрија на 2-0.


Енис Барди во 50.минута имаше одличен обид кога директно од корнер шутираше во голот со големо ефе, но Александер Шлагер спаси во последен момент.

Десет минути подоцна се обиде Барди и од слободен удар, но над голот.


Најубавата шанса за Македонија ја имаше Влатко Стојановски во 74.минута. Шутираше од 15 метри, но за малку крај дирекот од голот на Австрија. Две минути подоцна, голманот Александер Шлагер спаси погодок за Македонија со одлична интервенција, а повторно шутираше Влатко Стојановски, овојпат со глава. Во самиот финиш, Влатко Стојановски, успеа да погоди за намалување на 2-1, што беше и конечен епилог.

Со три победи, две ремија и четири порази, Македонија по девет кола е на четвртата позиција во групата со 11 бода и во вторник во Скопје го пречекува Израел. Со триумф ќе бидеме четврти, а доколку и Полска ја совлада Словенија, можеме да се надеваме на пласман на третото место на конечната табела.

АВСТРИЈА – МАКЕДОНИЈА 2-1 (1-0)

Стадион „Ернст Хапел“ во Виена. Гледачи: 41.100. Судија: Мајкл Оливер (Англија). Стрелци: Алаба 8′, Лајнер 48′ (Австрија), Стојановски 90+3′ (Македонија).

АВСТРИЈА: Шлагер, Улмер, Драговиќ, Хинтерегер, Лајнер, Сабицер, Лајмер (90′ Илсанкер), Баумгартлингер, Алаба (90+2′ Грегорич), Лазаро (79′ Тримел), Арнаутовиќ.

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Ристовски, Младеновски (46′ Зајков), Велковски, Ристевски, Спировски, Барди, Тошевски (62′ Аврамовски), Костадинов, Елмас, Трајковски (13′ Стојановски).

Се вчитува...