Бабиќ: Мора да ги поправиме грешките од првиот меч во Нашице

Ракометниот вицешампион на Македонија, Еурофарм Пелистер утре ќе го пречека тимот на Нексе во реванш дуелот од осминафиналето од СЕХА лигата. Првиот натпревар во Нашице заврши со победа на Хрватите од 23-20. Пред реваншот тренерот на битолчани, Жељко Бабиќ смета дека мора да ги поправат грешките од првиот меч во Нашице.

„Ова за мене е ново искуство, нов тренерски предизвик, предизвик во прекрасна и отворена земја како Македонија. Битола е многу убав град и убаво се чувствувам. Играчите добро тренираат, фокусирани сме на Нексе и подготвени сме за возвратниот натпревар. Што се однесува до првиот натпревар имавме лош офанзивен дел, многу технички грешки и мора да се поправиме. Одбраната и транзицијата беа добри во Нашице. Верувам дека грешките ќе ги поправиме и ќе се радуваме на победата. Што се однесува до екипата, ќе бидеме комплетни. Јотиќ и Маџовски влегоа во тренажен процес по повредите и ќе се најдат во стројот“, изјави Бабиќ. 

Бекот на клубот, Ловро Јотиќ смета дека ова ќе биде тежок натпревар, кој ќе го одлучи играта во одбрана.

„Ни следи тежок натпревар и имаме мал притисок поради тој пораз од три разлика. Мора да ја задржиме или подобриме одбраната од Нашице, но во нападот мора да реагираме и да го заборавиме лошиот натпревар. Можеме да напредуваме во транзицијата, Нексе Нашице во Битола ќе наиде на атмосфера каква што не паметат. Со малку среќа и исполнување на советите на стручниот штаб, мислам дека можеме да се радуваме“, изјави Ловро Јотиќ.

Натпреварот во салата „Младост“ во Битола е закажан за утре со почеток во 20:15 часот.

Се вчитува...