Бабунски: Секој тест дуел во Словенија е и тоа како важен за Вардар

Вардар денеска, со дуелот против ФК Шампион од Целје (17:30 ч.) ја стартува серијата контролни натпревари за време на летните подготовки во Словенија.

Шефот на стручниот штаб, Бобан Бабунски вели дека низ тестовите шанса ќе добијат сите фудбалери, а резултатите од истите воопшто не се неважни иако се работи за подготвителни дуели…

„Идејата е да се создаде најдобрата игра со моменталниот играчки кадар кој го имаме, и да се придвижиме кон она што е претпознатливо на идентитетот на Вардар. Познато е дека Вардар е клуб со традиција, и јасно е како треба да изгледа таа игра – офанзивна, со креирање на многу акции на противничката половина, и која на крајот секако ќе биде резултатски реализирана. Ќе треба да се спојат двете работи, и тоа е нашата идеја, да се приближиме до играта која ќе биде привлечна за навивачите, на кои ќе сакаме нешто да им понудиме и ќе можат да го препознаат и поради тоа ќе сакаат да бидат на трибините. Се надевам дека низ овие пријателски натпревари ќе можеме сите овие работи да ги направиме. На изминатите неколку тренинзи во Скопје и во Словенија играчите ја сфаќаат идејата, и сакаме да го создадеме тој стил на игра и понатаму низ тренинзите и низ натпреварите. Секој тренинг и секој пријателски натпревар е важен за создавањето на таквата игра која ја посакуваме“ – вели Бабунски за официјалната интернет страница на клубот, дополнувајќи дека пријателските натпревари ќе бидат добра можност за вистинско воигрување на тимот…

„Овие натпревари ќе бидат добра можност да се воиграме добро и да ги вклопиме новите играчи. Сите ќе ја добијат шансата да се докажат, и нашата идеја е да ги позиционираме играчите. Секој фудбалер ќе ја знае својата улога и своите задачи во сите фази на играта, сега само треба да се вклопат во системот на игра кој што ќе го преферираме“ – вели Бабунски.

Се вчитува...