Бабунски: Вардар почнува нов проект, благодарам што јас ја добив довербата да го водам!

Шефот на стручниот штаб на „црвено-црните“ Бобан Бабунски, денеска го реализираше првиот собир на „вардарци“ пред стартот на новата сезона.

Бабунски најпрво се заблагодари за укажаната доверба да го води тимот, се заблагодари на досегашниот придонес на играчите кои беа дел од Вардар, и очекува враќање на шампионскиот пехар повторно во рацете на „црвено-црните“.

„Би сакал најпрво да се заблагодарам на дадената доберба да ја водам екипата, се надевам дека со целокупниот стручен штаб ќе ја оправдаме. Ова е почеток на нов проект. Заврши една убава приказна за Вардар, би сакал да им честитам на сите, иако неколку не продолжија со овој тим. Дојде и тој момент да се почне еден нов проект, и ја прифаќаме таа одговорност. Треба да ги вратиме резултатите и знаеме што сакаме. Имаме цел и стратегија, се надевам ќе успееме во тоа. Вардар во изминатите години освојуваше титули, се претстави добро и на европско ниво, тоа е нашиот план и понатаму“ – изјави Бабунски.

Вардар има сосема поинаков лик од минатите сезони. Сега една нова млада генерација на играчи ќе го носи тимот кон нови успеси. Бабунски смета дека и со подмладен состав, „црвено-црните“ ќе бидат конкурентни.

„Играчите кои останаа се млади, но со една година поголемо искуство. Во наредниот нов проект се надевам ќе го покажат тоа и дека ќе бидеме конкурентни во однос на другите екипи“ – вели Бабунски.

Запрашан дали има некоја посебна желба за ждрепката на 20. јуни за квалификациите од Лигата на Европа, Бабунски со став:

„Искрено, не размислуваме кој ќе ни падне на ждрепката. За тоа ќе разговараме кога ќе го добиеме противникот, и ќе се потрудиме да ја спроведеме нашата стратегија и игра. Вардар има секогаш цел – што подалеку да дојдеме до Европа и да бидеме што подобри во првенството и Купот. Сакаме да направиме игра која е привлечна за публиката со која ќе ги вратие гледачите на трибините“.

Се вчитува...