Поранешниот македонски селектор Бобан Бабунски, во интервју за белградски „Спортски журнал“ се осврна и на пропуштеното Светско првенство 1987 во Чиле со репрезентацијата на Југославија, нагласувајќи дека беше тоа и грешка на Вардар со која загуби и клубот.
Бабунски секако жали што во 1987 година, иако беше стандарден во младата репрезентација, не беше дел од златната генерација на Југославија која во младинска конкуренција стигна до светската шампионска титула, тогаш со генерацијата на Просинечки, Бобан, Штимац, Шукер…
„Бев на списокот на младата репрезентација за СП 1987 во Чиле. Бев подготвен да одам, имав виза и го чекав мојот лет. Сепак, Вардар во последен момент го блокираше моето заминување. Тоа беше одлука на тогашниот тренер. Од оваа временска дистанца можам да кажам дека научив одредена лекција од тоа. Се прашувам што би сменил денеска да не се случи тоа. Веројатно би инсистирал кај челниците на Вардар и тренерот, да ги убедам дека е голема работа и за клубот и за мене да патувам во Чиле. Сите изгубивме. Да одев ќе бев единствениот претставник на македонскиот фудбал на такво големо натпреварување, а клубот сигурно ќе добиеше многу затоа што ќе имаше фудбалер кој освоил светска шампионска титула. Вардар не ме пушти поради одредени интереси, поради меѓународен клупски натпревар. Од оваа перспектива го гледам како лекција и за клубот и за мене. Сепак, изградив потоа одлична кариера, иако многу работи ќе беа поинакви со една светска титула“ – вели Бабунски.
Бабунски, кој од 1986 до 1993 година го носеше дресот на Вардар, нагласува дека една од најголемите негови грешки во кариерата е и нереализираниот трансфер во Партизан.
„Се беше договорено со Партизан, а имав преговори и со Динамо Загреб. Пешки би одел во Белград за да го облечам црно-белиот дрес, но во тој момент челниците на Партизан не го испочитуваа договорот, па бев принуден да ја сменам одлуката. Сигурен сум дека тоа влијаеше на мојата понатамошна кариера. Да го имав овој ум, веројатно би го прифатил тој преддоговор со Партизан и би имал побогата кариера“ – вели Бабунски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА