Бабунски: Задоволство од подготовките во Словенија

Шефот на стручниот штаб на Вардар, Бобан Бабунски, по враќањето на екипата од Словенија, ги истакна своите импресии од подготовките во Зрече. Таму низ тренинзи и низ пријателски натпревари „црверно-црните“ ја темпираа формата за Лигата на Европа и за прволигашките мечеви следната сезона.

„Јас сум задоволен од она што го покажа екипата на подготовките во Словенија. од работата на играчите од сите аспекти. Нашата идеја беше во овој период сите играчи да видат дека нивните можности се многу поголеми, и тоа беше задача на целиот стручен штаб. Сите играчи кои беа на подготовките се однесуваа одлично. Имаше единствено некои проблеми со одредени фудбалери на кои не можевме да сметаме поради замор или поради ситни повреди, но тоа не е ништо посериозно. Ќе продолжиме да тренираме во ист стил и во Скопје во следните неколку дена пред почетокот на натпреварите во Европа и во македонското првенство. Целта беше да покажеме на секој играч дека има поголеми можности во моментов и тоа го докажаа на пријателските натпревари кои ги одигравме, и се докажа дека се доближуваат до европските стандарди. Сега преостанува оној технички-тактичко дел пред натпреварите во Лигата на Европа, и сметам дека ќе бидеме добро подготвени“, вели Бабунски за официјалниот сајт на клубот.

Вардар ќе го има ерменскиот Пјуник како противник во првото квалификациско коло од ова европско натпреварување.

„Сè уште гледаме и собираме информации, веќе гледавме неколку натпревари. Знаеме начелно за противникот, но и натаму сме во фаза на испитување, и мислам дека до почетокот на натпреварот ќе ги имаме сите информации кои ќе бидат корисни и кои ќе им ги соопштиме на играчите“, рече шефот на стручниот штаб на „црвено-црните“.

Вардар ќе се засили со уште еден бразилски интернационалец, Данило, кој треба да пристигне и да потпише договор со клубот.

Се вчитува...