Баер ги има најдобрите бекови во светот: Фримпонг и Грималдо донесоа триумф во Келн

Баер Леверкузен се одлепи на дури десет бода предност во однос на Баерн Минхен откако „фармацевтите“ попладнево славеа со 0-2 во Келн, максимално користејќи го петочниот кикс на баварскиот гигант. Како и многу пати сезона, клучни за триумфот на Баер беа Фримпонг и Грималдо, двата офанзивни бека кои сезонава дефинитивно се најдобрите во светот на фудбалот.

Во прилог на гостинскиот состав одеше и фактот дека Келн од 13. минута остана со фудбалер помалку по црвениот картон на Тилман, кој беше исклучен по прегледување на снимката за груб старт врз Гранит Џака. Играњето со фудбалер повеќе значеше и целосна доминација во поседот на топката, што Баер успеа да го круниса уште во првото полувреме со голот на Фримпонг.

Доминацијата продолжи и по постигнтиот погодок, а подобрата игра на Баер донесе и втор гол, овојпат преку Грималдо во 72. минута за заслужена победа на лидерот на табелата.

Инаку, левиот бек Грималдо сезонава игра фантастично и веќе имаа 11 гола и 11 асистенции зад своето име, додека Фримпонг досега има 10 гола и десет асистенции (севкупно во сите натпреварувања).

Баер Леверкузен сега е убедливо прв со 64 освоени бода, пред Баерн Минхен со 54, додека на третото место се наоѓа Штутгарт со 50 бода.

Се вчитува...