Баер не попушта – Хаверц чини 100 милиони евра

Баер Леверкузен е елиминиран од Лигата на Европа, по што се очекува во наредниот период да се интензивираат преговорите со Челси околу трансферот на Каи Хаверц на „Стемфорд Бриџ“. Добро познато е дека Френк Лампард го посакува младиот Германец како нова „ѕвезда“ во својот тим крај Тимо Вернер, но проблем за лондонскиот клуб претставува тврдоглавиот став на „фармацевтите“ – Хаверц не може да си замине за помалку од 100 милиони евра.

Германскиот суперталент е интересен за уште неколку европски гиганти, Челси досега беше најконкретен со интересот, но на челниците на Баер им одговара Хаверц да остане уште една сезона, верувајќи дека следното лето ќе можат да заработат уште повеќе пари од неговиот трансфер. Фудбалерот веќе ги има договорено личните услови од петгодишниот договор со Челси, но „сините“ се предалеку од договор со германскиот прволигаш.

Највисоката понуда на Челси досега изнесуваше 70 милиони евра, па останува да се види дали следната рунда преговори ќе вроди со плод или клубовите ќе останат далеку од договор, како што е тоа случај со трансферот на Санчо од Борусија Дортмунд во Манчестер Јунајтед.

Се вчитува...