Баерн без ударниот тандем на мегдан со Борусија

Баерн Минхен ќе биде сериозно ослабен за денешниот дуел со Борусија Менхенгладбах, за кој тренерот Флик нема да може да смета на двајцата најдобри офанзивни фудбалери.

Роберт Левандовски и Томас Милер добија жолти картони на претходниот меч со Баер Леверкузен, собирајќи „картони“ за автоматска суспензија и еден меч неиграње. Полјакот е убедливо најдобар стрелец со 45 погодоци во сите натпреварувања сезонава, Милер е најдобар асистент со 23 додавања за постигнати голови, па јасно е дека баварскиот гигант ќе има сериозен проблем да го надополни отсуството на двајцата клучни играчи. Покрај нив, крајно неизвесен е и настапот на Гнабри, откако германскиот репрезентативец поради повреда го пропушти и дуелот со Ајнтрахт во полуфиналето од Купот на Германија.

Со проблеми се соочува и гостинскиот стратег, па Борусија ќе настапи на „Алијанц Арена“ без најдобриот стрелец Плеа, а нападот на тимот од Менхенгладбах ќе биде предводен од Турам.

Борусија Менхенгладбах важи за најнезгоден ривал на Баерн во последно време, ако се знае дека во последните 10 дуели со баварскиот гигант има скор од пет победи, едно реми и четири порази.

Се вчитува...