Баерн е омилен „пациент“ на „Доктор Роналдо“

Баерн Минхен игра дома, Јуп Хејнкес најавува офанзивна стартна формација, но на сите во баварскиот гигант им е јасно дека за успех во овој двомеч со Реал Мадрид неопходно ќе биде и одбраната да си ја заврши работата, особено кога станува збор за неутрализирање на Кристијано Роналдо.

Португалецот доминираше и против Јувентус, стигнувајќи до десет гола во дуелите со „старата дама“, а сега против себе ќе има уште еден омилен пациент, со оглед на фактот дека Роналдо против Баерн во просек постигнува по 1,5 гол по натпревар (девет гола на шест средби).

Приказната почна во полуфиналето во 2012 година, кога Реал Мадрид беше елиминиран од Баерн по пенал-рулетот во кој трагичар беше Серхио Рамос. Роналдо на првиот меч му асистираше на Озил, на вториот самиот постигна два гола, но и тоа беше недоволно за Реал да се пласира во големото финале.

Две години подоцна, „кралевите“ го растурија Баерн предводен од Пеп Гвардиола. На првиот меч Реал славеше со 1-0 во Мадрид, а на вториот го декласираше Баерн среде Минхен, по два гола постигнаа Роналдо и Рамос.

За крај, ланскиот двомеч, победа на Реал од 1-2 на „Алијанц арена“ со двата гола на Португалецот, за потоа на реваншот во Мадрид да се играат продолженија, Кристијано постигна хет-трик и го одведе шпанскиот гигант во големото финале.

Се вчитува...