Баерн го избра наследникот на Робен

Баерн Минхен заврши голема работа со засилување на одбраната со трансферите на Павар и на Хернандез, но потешкиот дел од задачата ќе биде да се донесат адекватни засилувања на крилните позиции, на местото на Арјен Робен и Франк Рибери, кои летово си заминаа од „Алијанц Арена“. Лирој Сане беше најголема желба на баварскиот гигант, но германскиот репрезентативец реши да остане во Манчестер Сити, па раководството на Баерн е принудено да ги разгледува останатите опции.

Според информациите на германските медиуми, наследникот на Робен е веќе договорен – Хаким Зијех од редовите на Ајакс. Мароканскиот интернационалец е достапен за отштета од 30 милиони евра, сума што Баерн без проблем може да си ја дозволи за да го доведе во својот табор. Весникот „Билд“ тврди дека директорот Салихамиџиќ имал успешни преговори и со агентот на Зијех, Мустафа Нахлија, начелно договарајќи ги условите за петгодишна соработка.

Зијех беше еден од клучните фудбалери при фантастичната сезона на Ајакс, во која овој тим стигна до двојна круна во Холандија, пласирајќи се и во полуфиналето од Лигата на шампионите. Мароканецот ја заврши сезоната со 21 гол и имаше 24 асистенции, тој неодамна ја одби Севилја, но кога станува збор за Баерн јасно е дека на понудата на баварскиот гигант многу потешко ќе може да одолее.

Баварците продолжуваат да ја следат и ситуацијата на младиот Хадсон Одои од Челси, кој има договор до крајот на сезонава. Баерн ќе понуди 25милиони евра за младинскиот репрезентативец на Англија, а на Челси е да одлучи, дали ќе ја прифати или ќе ризикува следното лето да го загуби својот „бисер“ без никаква отштета.

Се вчитува...