Баерн го казни Боатенг дека ја напуштил изолацијата, а тој бил на посета кај синот во болница

Германскиот првак Баерн Минхен финансиски ќе го казни дефанзивецот Џером Боатенг затоа што самостојно, без дозвола, ја напуштил домашната изолација и заминал во Лајпциг. На враќање кон дома, тој излета од патот и предизвика сообраќајна несреќа, а отштетениот автомобил осамна на насловните страници во медиумите. Но, Боатенг вели дека родителската грижа го натерала да го напушти Минхен и да замине во Лајпциг, со оглед дека неговиот син е во болница.

Баварските власти имаат издадено строги мерки да не се напушта местото на живеење поради коронавирусот.

„Сето ова е многу тажно. И не ме интересира многу паричната казна, затоа што верувам дека секој татко би го сторил истото. Ја прифаќам секоја одлука, знам дека требаше да го известам клубот, но во тие моменти размислував само за синот. Не му беше добро, а кога синот ќе го повика таткото на помош, тогаш нема врска ниту колку е часот, ниту каква забрана е на сила. Тоа е мојот син. Баш би сакал да го видам таткото што во таква ситуација би останал мирно дома залегнат во фотелја“, изјави Џером Боатенг.

Фудбалерите на Баерн Минхен тренираат во домашни услови и се подготвуваат за продолжението на Бундес-лигата. Кога ќе биде тоа, зависи од пандемијата на коронавирусот.

 

Се вчитува...